Даталаб на регионален избор на „Super Star 2018“

Дек 26, 2018 | Blog MK, Новости |

На 21ви Декември 2018, се одржа регионален избор на Super Star 2018 во Љубљана, Словенија. Тимот на Даталаб од Македонија, испрати неколкумина од вработените да присуствуваат на оваа свеченост на доделување награда, а воедно и предновогодишна забава на ниво на корпорација.

Настанот беше закажан да се одржи во петок, во вечерните часови, па затоа тимот на Даталаб МК, тргна кон Љубљана ден однапред. Бидејќи патувањето беше со автомобил, се одлучивме да направиме и едно прекрасно дружење и разглед на прекрасната Љубљана и околината. Љубљана е град од бајките. Иако нема принцови кои шетаат по бројните замоци, сепак има некој неопислив шарм кој голем дел од европските градови веќе го изгубиле.

Бидејќи пристигнавме во утринските часови, така и совршено го започнавме нашиот ден, каде се почестивме со едно убаво ароматично кафе и сладок кроасан, заедно со реката од студенти, работници и секојдневни луѓе кои ги шетаат своите кучиња.

Како што шетавме помеѓу новогодишниот базар накитен со новогодишни лампиони и украси, се упативме кон Љубљанската тврдина, каде по пат ги поминавме Змејскиот и Месарскиот мост лоцирани од левата страна. Иако звучи чудно, Месарскиот мост е совршен за парови затоа што таму има многу заљубени кои прицврстуваат гравирани катанчиња со нивните имиња и ги фрлаат клучевите во реката. Од другата страна, Змејскиот мост, опколен со 4 статуи на змејови го прикажува вистинскиот љубљански дух и самата смисла на градот.

Бидејќи времето ни дозволи да се опуштиме, па ја продолживме нашата прошетка и до едно од најдобрите места, а тоа е Блед и Бледското езеро – бисер на Словенечките Алпи опкружено со планински врвови. Ја посетивме и Бледската тврдина од каде се простираше раскошен поглед на езерото. Патувањето ни продолжи и низ живописните предели до Бохињско езеро, најголемото природно езеро во Словенија и вклучено во Националниот парк Триглав… Во прилог погледнете дел од нашите фотографии…

Вечерта спремни и подготвени се придруживме на прекрасната забава во организација на Даталаб Словенија. Настанот се одржа во ресторанот „Kopališče Kolezija“ во Љубљана. Ние како тим бевме пречекани од нашите колеги од Словенија, каде на влезот направивме неколку прекрасни фотки во дрес код на „Sherlock Holmes“ и неколку аксесоари кои ни беа доделени на влезот. Убави моменти на дружење имавме со сите колеги од регионот, каде следуваше прогласување на добитниците на наградата „Super Star 2018“.

Најнапред воведен говор даде г-дин Морено Родман, главниот извршен директор на Даталаб Технологија, каде кажа многу убави пофални зборови за компанијата на регионално ниво. Убаво е чувството да се слушнат такви зборови каде знаеш дека убедливо чекориш нанапред. Потоа следуваше прогласување на „Super Star 2018“ за Македонија, каде наградата ја додели директорот на Даталаб МК, Владо Митев и кажа прекрасни зборови за добитникот на оваа награда како позитивно влијае на целото опкружување во самата Даталаб компанија, одличен тимски играч, многу поуспешна во нејзините маркетинг цели и таргети, како да е дел од компанијата многу долги години, а не само една година, а тоа е нашата Марија Николовска (Специјалист по Маркетинг и Даталаб Академија). Во прилог погледнете ги фотките од сертификатот за Super Star, каде гласи преубав цитат:

“Доколку работиш напорно и веруваш во себе, успехот е тој што ќе те следи каде и да чекориш”.

Ние продолживме со забавата до раните утрински часови, каде си поминавме преубаво. И посакуваме многу успеси и понатака на нашата колешка Марија 🙂 🙂 🙂

untitleddatalabТимот на Даталаб

Со симболичен потпис сакаме да ги опфатиме сите поединци, вработени, соработници, партнери и корисници со кои учиме, собираме и разменуваме искуства, знаења, проблеми и решенија секој ден. Без  сите нас заедно сето ова не би ни било. Редовно следете ги нашите објави и предложете кои теми и информации ве интересираат. Денес често можеме да слушнеме: кој ја има информацијата, ја има моќта. Даталаб тимот своето знаење го споделува со Вас! Споделете понатаму…

 

X