Над 300 компании на едно место: Македонија влегува во нова ера на еФактура
Повеќе од 300 менаџери, директори, сметководители и претставници од македонските компании беа дел од конференцијата „PANTHEON еФактура“, која успешно се одржа на 7-ми мај во Хотел Холидеј Ин – Скопје, во организација на Даталаб Македонија.
Настанот беше посветен на дигитализацијата на деловните процеси, автоматизацијата и подготвеноста на компаниите за воведување на еФактура системот, со фокус на практични решенија, реални примери и искуства од регионот.

Конференцијата отвори значајни теми поврзани со иднината на електронското фактурирање, законските обврски, интеграцијата на ERP системите и потребата од целосна дигитална трансформација на компаниите.
Во рамки на настанот, присутните имаа можност да слушнат искуства и практични примери од експерти од Македонија, Србија и Словенија.

Снежана Тонева Кузманова од Комората на сметководители зборуваше за подготвеноста на сметководствената фела за воведување на еФактура, предизвиците кои ги очекуваат компаниите, но и придобивките кои дигитализацијата ќе ги донесе во секојдневното работење.
Леонида Красевиќ од Даталаб Словенија направи регионална анализа на системите за еФактура, објаснувајќи ги разликите помеѓу моделите кои веќе функционираат во Словенија, Србија и Хрватска, како и комплексноста на различните типови електронски документи и нивната интеграција во деловните системи.
Дејан Контиќ од Даталаб Србија сподели конкретни искуства од имплементацијата на еФактура во Србија, каде системот веќе функционира. Тој потенцираше дека иако компаниите на почетокот се соочиле со предизвици при адаптацијата, денес придобивките се јасно видливи преку побрза обработка на документи, автоматизација на процесите, намалување на административните трошоци и подобра контрола врз работењето.
Особено внимание привлече презентацијата на партнерот Инфо-Код, каде беше презентиран реален пример за интеграција на PANTHEON ERP со Warehouse Management System и процесите поврзани со автоматско креирање на еФактура. Преку конкретен пример од пракса, присутните имаа можност да видат како дигитално поврзаните системи можат значително да ја подобрат ефикасноста и следливоста на деловните процеси.
Тимот на Даталаб Македонија презентираше и низа напредни функционалности во рамки на PANTHEON ERP системот, кои директно придонесуваат за автоматизација и дигитализација на компаниите.
Петрина Станковска презентираше реални примери за користење на WorkFlow технологијата во PANTHEON, преку која компаниите можат да автоматизираат сложени деловни процеси и интеграции со надворешни системи. Посебен интерес предизвика примерот со интеграција со IUTE платформата, преку кој процесот на кредитна продажба се автоматизира директно во ERP системот.
Дополнително беа презентирани можностите за автоматско испраќање персонализирани Viber пораки преку PANTHEON, со што компаниите можат значително да ја подобрат комуникацијата со своите клиенти и да автоматизираат известувања за нарачки, испораки и други активности.
Милена Китановски презентираше практични примери за дигитално управување со документи преку DMS системот, автоматизација на интерни процеси со задачи и workflow, како и гранулата „Сервис на терен“, која овозможува целосна дигитализација на сервисните активности преку мобилни уреди.
Преку реални сценарија беше прикажано како сервисните тимови можат директно од терен да управуваат со налози, документација, резервни делови, патни трошоци и фактурирање, со што значително се зголемува ефикасноста и контролата на процесите.

Во делот посветен на сметководството, Анета Тимева и Емилија презентираа како PANTHEON овозможува автоматизирана подготовка на ДДВ пресметки, завршни сметки и XML извози за институциите, како и користење на Сметководствената конзола за паралелно управување со повеќе компании од едно место.
Посебен акцент беше ставен на фактот дека дигитализацијата повеќе не е избор, туку неопходност за компаниите кои сакаат да останат конкурентни, ефикасни и подготвени за новите законски и пазарни барања.
Во рамки на конференцијата беше истакнато дека Македонија активно се подготвува за имплементација на еФактура системот, а компаниите кои навремено ќе започнат со дигитализација ќе имаат значителна предност во оптимизацијата на процесите и намалувањето на административните трошоци.
Настанот заврши со деловен networking-коктел, каде учесниците имаа можност за директни средби, размена на искуства и отворање на нови бизнис соработки.

Конференцијата беше организирана со поддршка на Генералниот спонзор Инфо-Код и Златниот спонзор АКТОН Комуникации.
Како дополнителна вредност за сите присутни, АКТОН Комуникации обезбеди ваучери за бесплатна проверка на мрежната инфраструктура и дијагностика на конективноста на компаниите со нивните ERP системи.
Од Даталаб Македонија истакнаа дека ќе продолжат активно да работат на едукација и поддршка на македонските компании во процесот на дигитална трансформација и имплементација на современи ERP решенија.
На следниот линк можете да погледнете дел од атмосферата и присутните на конференцијата: Галерија од конференцијата PANTHEON еФактура



